СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛЕКАРИТЕ ПО СОЦИЈАЛНА МЕДИЦИНА СО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЗДРАВСТВЕНАТА ДЕЈНОСТ

Home Up Коментари

Правилник Програми за работа Извештаи за работа Покани за состанок Записници Соопштенија Презентации

 

 

На основа на член 23 од Статутот на Македонското лекарско друштво, Здружението на лекарите по Социјална медицина со организација на здравствена дејност на Собирот одржан на ден 24.06.1993 донесе

 

 

 

П Р А В И Л Н И К

ЗА РАБОТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО

 

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

 

 

Со овој Правилник во согласност со Статутот на Македонското лекарско друштво се уредуваат начинот на работата на Здружението, задачите и целите, правата и обврските на членовите, организацијата на работата, управувањето, начинот на обезбедување на средства и нивното користење.

Член 2

Здружението на лекарите по Социјална медицина со организација на здравствена дејност е дел на функционалната целина на Македонското лекарско друштво во која доброволно членуваат лекари специјалисти и лекари на специјализација по Социјална медицина со организација на здравствената дејност остварувајќи го својот стручен интерес.

Член 3

Името на Здружението е: Специјалистичко здружение на лекарите по Социјална медицина со организација на здравствената дејност при Македонското лекарско друштво.

Седиштето на Здружението се одредува на секој изборен Собир.

Член 4

Здружението го представува Управниот одбор како колективно извршен орган, а го застапува Претседателот на Управниот одбор или потпретседателот.

Член 5

Здружението во Собранието на Македонското лекарско друштво го представува негов член избран на Собирот на Здружението.

 

Член 6

Здружението може да има и свој печат кој ќе биде тркалезен (со пречник од 3,5 см.) кој во средината го има Ескулаповиот знак, горе стои Македонско лекарско друштво, а долу Здружение на лекарите по Социјална медицина со организација на здравствената дејност.

Член 7

Дејствувањето на Здружението е јавно и се остварува со меѓусебно комуницирање и информирање на членовите, преку одржување на состаноци на Здружението, преку Македонски медицински преглед и преку сопствено списание.

Член 8

Информирањето и комуницирањето со МЛД се остварува преку предлог плановите за работа на Здружението, со редовно доставување на покани за состаноците на Здружението, преку можноста за присуство на состаноците на Управниот одбор на МЛД на представник на Здружението кога се решаваат проблеми од интерес на Здружението и преку преставникот на Здружението во Собранието на МЛД.

ЗАДАЧИ И ЦЕЛИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

 

Член 9

Здружението ја поттикнува и координира активноста на своите членови за остварување на заедничките цели и задачи.

Здружението

      се занимава со стручни прашања од својата област и учествува во организирањето и изведувањето на едукацијата на своите членови и во остварувањето на доктринарни ставови од својата област;

      се грижи за планско стручно усовршување на своите членови со организирање на конгреси, симпозиуми, семинари, стручни состаноци и сл.

      соработува во планирањето на кадарот, специјализациите и постдипломските студии од својата област;

      ја следи организацијата и работата на здравствената дејност во рамките на својата стручна надлежност, а на соодветните органи и организации им предлага мерки за унапредување и подобрување на организацијата на работата;

      соработува со другите Здруженија при Македонско лекарско друштво во подрачјата од заеднички интерес.

Здружението се зачленува и директно комуницира со европски и светски специјалистички здруженија.

Здружението може да издава и сопствено списание или заедничко со друго сродно специјалистичко здружение.

Здружението

      работи на подигање на здравствената култура на населението;

      кај своите членови постојано ги негува и развива начелата на Кодексот на медицинската деонтологија и развива чувство на другарска поврзаност меѓу своите членови и меѓу членовите на Македонско лекарско друштво во целина;

      води евиденција на своето членство преку регистер на членовите кој е составен дел на регистерот на членовите на Македонско лекарско друштво;

      може да издава и своја идентификациона карта за своите членови.

       

ЧЛЕНУВАЊЕ ВО ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 10

Член на здружението може да стане секој лекар кој е член на Македонското лекарско друштво, а е лекар специјалист или лекар на специјализација по Социјална медицина со организацја на здравствената дејност.

Член на Здружението може да биде и лекар кој работи во сродна област на медицината, кој со својата стручна активност и интерес навлегува во областа на Здружението. Неговото зачленување на предлог и со образложение на Управниот одбор го потврдува Собирот на Здружението.

Член 11

Здружението може да избере и почесни членови во склад со член 10 од Статутот на Македонското лекарско друштво. Изборот го врши Собирот на Здружението на предлог на Управниот одбор.

Член 12

Здружението може да има и свои придружни членови. Придружен член на Здружението може да биде лице кое не е лекар, доколку соработува со лекарите во работи и проблеми што се предмет на стручниот интерес на Здружението.

Придружниот член го избира Собирот на Здружението на предлог на Управниот одбор.

Придружниот член ги има сите права како и другите членови, освен учество во изборите за органите на Македонското лекарско друштво.

Член 13

Права и должности на членовите се:

- да учествуваат во сите облици на дејствување на Здружението;

      да избира и да биде биран во органите на Здружението и органите на Македонското лекарско друштво;

      да присуствува и учествува во сите видови стручни манифестации што ги организира Здружението и Македонско лекарско друштво;

      да плаќа членарина;

      да учествува во припремата и да објавува стручни трудови во списанието на Здружението и во ММП.

Престанувањето на членството е регулирано со одредбите од член 13 од Статутот на Македонско лекарско друштво.

 

 

ОРГАНИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 14

Органите на Здружението се: Собирот и Управниот одбор.

Член 15

Собирот на Здружението го сочинуваат сите членови на Здружението.

Собирот на Здружението се свикува најмалку еднаш годишно, а изборен собир на секои четири години.

Собирот го избира Управниот одбор, донесува програма за работа, ги потврдува годишните извештаи за работата и материјално-финансиското работење подготвени од Управниот одбор, избира представник во Собранието на Македонско лекарско друштво, одлучува за организирање на меѓународни симпозиуми, семинари и конгреси, донесува правилници за работа на Здружението и неговите измени и дополненија.

Собирот може да одлучува ако се присутни најмалку половината од членовите на Здружението.

Одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови.

За секоја седница на Собирот се води записник, од кој еден примерок се доставува до Македонското лекарско друштво.

Член 16

Управниот одбор на Здружението го сочинуваат 7 члена и тоа: претседател, потпретседател, секретар, благајник и 3 члена на Управниот одбор.

Во колку Здружението издава свое списание во работата на Управниот одбор учествува и член на Редакцискиот одбор на списанието.

 

 

 

 

 

 

 

Член 17

Задачи на Управниот одбор се:

      ја води и организира работата на Здружението;

      подготвува годишна програма за работата и состаноците на Здружението и се грижи за нејзино извршување. Копија од програмата доставува до Македонското лекарско друштво;

      води регистар на членовите чија копија доставува до МЛД;

      располага со делот од средствата од членарината и со другите средства на Здружението, согласно со одредбите на член 25 од Статутот на МЛД;

      подготвува годишен извештај за работата на Здружението и годишен финансиски извештај кој по усвојувањето од Собирот ги доставува до Управниот одбор на МЛД;

      предлага членови на Здружението за награди и признанија;

      дава мислење по барање на своите членови за добивање на меѓународни стипендии;

      предлага представник за Собранието на МЛД и представници во други стручни асоцијации и општествени организации.

      се грижи и му помага на Редакцискиот одбор за издавањето и уредувањето на списанието на Здружението.

Член 18

Доколку Здружението издава свое списание, тоа се регулира со посебен правилник.

Член 19

Членовите на Здружението како организациона форма на работа можат да формираат и секции по територијален принцип во кои ќе се организираат членовите во градот каде живеат и дејствуваат во колку има повеќе од 10 членови.

Во Здружението може да се оформат и секции кои ќе ги здружуваат членовите по основ на потесна специјалност (субспецијализација) од областа за кое е оформено Здружението.

Начинот на формирањето, работењето, раководењето и нивниот број ќе го одредува Управниот одбор на Здружението во согласност со Собирот.

Член 20

Материјални средства на Здружението се:

      дел од членарината определен со одлука на Собранието на Македонско лекарско друштво;

      доходи од приредби, публикации и слично;

      наменски средства што ги одобрува Управниот одбор на Македонското лекарско друштво;

      доброволни прилози и други прилози од спонзори, донатори и сл.

Здружението може да определи собирање на посебни придонеси на своите членови. Одлука за тоа донесува Собирот на Здружението.

Член 21

Горе наведените средства Здружението ги користи самостојно, а начинот на нивното користење ќе се врши во склад со одредбите на член 26 и 27 од Статутот и Правилникот за материјално финансиското работење на МЛД.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 22

Измените и дополнувањата на овој Правилник се вршат по иста постапка како и неговото донесување.

Член 23

Иницијатива за исмени и дополнување на овој Правилник може да покренат Управниот одбор на Здружението и Управниот одбор на МЛД.

Член 24

Престанувањето на работа на Здружението е регулирано со одредбите на член 29 од Статутот на МЛД.

Член 25

Овој Правилник влегува во сила со усвојувањето на Собирот на Здружението и откако ќе го потврди Собранието на Македонското лекарско друштво.

 

 

                          СЕКРЕТАР НА ЗДРУЖЕНИЕТО

                          (полно име и презиме)

                          Д-р Елена Ќосевска

                          ____________________________

                           

                           

                           

                      ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

                      (полно име и презиме)

                      Прим. д-р Љубица Панева

                      __________________________________

 
Copyright © 2008 Специјалистичко здружение на лекарите по социјална медицина со организација на здравствената дејност
Последна промена: 04/10/10